Лажно

Целта Објавена? Нема Враќање на Слободата на Движење Без да ве Жигосаме со НаноЧипирана Вакцина – Бил Гејтс!

cover image

Myth Buster: MythBuster

Post Link

Date: 12/04/2020

Lexo

Мит

Статијата  ‘’Целта Објавена? Нема Враќање на Слободата на Движење Без да ве Жигосаме со НаноЧипирана Вакцина – Бил Гејтс!’’) објавена на  kolozeg.info е полн со теории на заговарање околу пандемијата КОВИД 19, Бил Гејтс и најновите научни истражувања околу вакцинацијата како и глобалните напори за собирање и складирање на здравствените податоци во една централизирана платформа за сиромашните земји каде што нешто такво не е можно. Според платформата КрауТангле, статијата вкупно имала над 3880 интеракции на Фејсбук, од кои над 630 биле споделувања на различни страници и профили, околу 2800 лајкови и околу 1000 коментари. (до 11.04.2020)

Оригиналната статија е напишана од Роберт Бриџ за Фондацијата за стратегиска култура (Strategic Culture foundation).  Авторот е колумнист и аналитичар за Русија денес (Russia Today), руска државна медиумска платформа која е позната по пропаганда и пласирање дезинформации со цел унапредување на стратешките интереси на Владимир Путин. Тој исто така бил главен и одговорен уредник на The Moskow News (2007-2009) државен медиум, кој заедно со матичната компанија РИА Новости, на 9 декември 2013 година, по наредба на Путин, се споија за основање на меѓународната новинска агенција Русија денес. Додека пак, Фондацијата за стратегиска култура е сомнителен извор кој промовира екстремни десничарски ставови, руска пропаганда, теории на заговор и е управувана од Јуриј Прокофиев - поранешен лидер на Комунистичката партија и еден од водачите на обидот за пуч против Михаил Горбачов во август 1991 година.

Лажно

Демистификација и појаснување

Иако статијата е полна со теории на заговор што кружат на социјалните медиуми, ние ги демистифицираме најважните:

Написот тврди:

Прво тврдење: Бил Гејтс изјави дека “масовните собири”, слободата на движење, економијата и правото на работа и леб, и воопшто вашиот претходен нормален живот, не можеле да се вратат, без масовно глобално Мајкросфот вакцинирање едно за нивно до-збогатување, а друго и уште пострашно, за контрола и зомбирање на човештвото во нано-чипирано (жигосано) безволно тупо стадо на робови!

Демистификација и појаснување: “Авторот” на статијата го носи овој заклучок преку манипулирање сo еден исечок од интервјуто на Бил Гејтс за CNBC (целосно интервју) каде, меѓу другото, Гејтс зборува за економските тешкотии и постепеното враќање што мора да се случи по завршувањето на пандемијата. Во ниту еден момент Гејтс не вели “вакцинирање од Мајкрософ” а камоли смешните и навредливи тврдења за интелигенцијата на нормалниот човек, додека ги објаснува напорите што Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс ги презема да помогне во надминување на пандемиската криза - меѓу другото, за откривање на терапија за лекување, раст на бројот на тестирање и усовршувањето на масовното тестирање како делотворна мерка за спречување на ширење на заразата и филантропско финансирање паралелно на неколку истражувања за откривање на превентивна вакцина. Спротивставувањето на вакцините, во суштина од страна на една мала, но многу бучна група позната како анти-ваксерс (anti-vaxxers), стана извор на многу дезинформации, ширење теории на заговор и лажни вести, што води до загрозување на јавното здравје и враќање на заболувањата што беа на работ на исчезнување или веќе исчезнати. Тврдењето е манипулативно и преку погрешно толкување на делови од интервјуто има за цел ширење паника, теории на заговор и лажни вести.

Второ тврдење: Авторот Роберт Бриџ преку Фондацијата за стратегиска култура, пишува дека меѓу “теоретичарите на заговор” жешка тема е дека елитата едвај чекаат да го искористат вистинскиот момент за да ја употребат својата технологија „знакот на ѕверот“ за далечински да го идентификуваат и контролираат секое човечко суштество на планетата, со што ќе ги запечатат своите планови за една светска влада и поробување на цел свет од страна на една рака сатанисти. И кога многу луѓе сакаат да сторат нешто за да се вратат на некое чувство за нормалност, тие стравови се чинат пооправдани со секој изминат ден.

Демистификација и појаснување: Тврдењето е шпекулативно, двоумење основано на теорија на заговор и неосновано на конкретни факти, одржливи аргументи или здрава логика. Дури е и смешен поради користената фантазија. Како што објаснивме погоре, Фондацијата за стратегиска култура е инструмент за ширење теории на заговор, руска пропаганда и има за цел да ги измами читателите преку поттикнување паника, несигурност и недоверба кај граѓаните. Еве еден пример за дезинформација објаснет од Политико.

Трето тврдење: За секој што можеби се прашува како би можел да изгледа еден од оние „најуспешни пристапи“, разгледајте го  главниот кандидат за добивање на оваа задача. Истражувачите од Институтот за Технологија во Масачусетс (МИТ) развија што е во суштина hi-tech ‘тетоважа’ што ги чува податоците во невидлива боја имплантирана под кожата. Жигот ќе биде внесуван заедно со вакцина, најверојатно управувана од Гави , глобалната агенција за вакцини, која исто така е под капата на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

 Демистификација и појаснување: Како што се објаснува од МИТ, ова истражување е напор да се најдат решенија за зачувување медицински податоци за вакцинација во земји каде што не постои соодветна инфраструктура за такво нешто. Според МИТ, претежно во земјите во развој, 1,5 милиони деца умираат секоја година како резултат на тоа што не се вакцинирани од болести кои може да се спречат. Преку овие напори се разгледуваат можностите како оваа пречка да се надмине преку вбризгување “квантни капки“ кои се невидливи и ќе останат под кожата најмалку 5 години. Преку уредите на посебни апликации ќе може да се идентификуваат вакцините кои лицето ги примило и со ова се избегнува проблемот на загуба или немање на картон за примени вакцини, следствено да се спасат животи на деца од болести кои може да се спречат преку вакцинација.

-Во меѓувреме ГАВИ - Алијансата за вакцинација (а не Агенцијата за вакцинација, како што тврди статијата) е партнерство помеѓу Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, Светската банка и Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, кои овозможуваат вакцинирање против опасни и смртоносни болести на скоро половина од светските деца. Преку ова партнерство се овозможи намалување на цената на вакцините со нудење предвидливо и одржливо производство на вакцини, што овозможи да дури и најсиромашните земји имаат пристап до подобрување на примарното здравство. ГАВИ досега има помогнато во избегнување на скоро 13 милиони потенцијални смртни случаи и драстично го намали ширењето на заразни болести. За повеќе информации за нивната одлична работа, посетете ја ГАВИ - Алијанса за вакцинација.

Copyright © Myth Buster.

A project by Democracy Lab

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.